
Финансии тврди дека има контрола врз општините, ќе сноси ли Мерко одговорност за луксузот?
Нема конкретен одговор од Министерството за финансии дали ќе бидат казнети градоначалниците кои и покрај тоа што нивните општини зедоа државни пари за да се раздолжат, продолжија да се луксузираат на сметка на граѓаните. Ова особено важи за струшкиот градски татко, Мерко, кој за обнова на возниот парк потроши 114 илјади евра, од кои за Аудито А6 дури 66 илјади и 700 евра. Министерот Тевдовски ги потсети градските власти дека имаат законски рок да се раздолжат до средината на годинава, а Владата нема да им дозволи да трупаат нови долгови. За оваа година таа не планира да им дава нови пари, откако лани добија околу 50 милиони евра. Очекува дека раздолжувањето ќе биде успешно, пред се за училиштата и градинките да можат нормално да функционираат.
Сега е обврска на општините да утврдат кој ќе им се откаже од камата, да побараат дисконти и потоа транспарентно тоа до го поминат на Советот и да го објават. Мислам дека во дел од општините тоа и се случува, не само во Охрид. Да ве потсетам дека ние поставивме и фискално правило, со кое оневозможуваме такво нешто да се случи во иднина, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
На средината на минатата година општина Струга должеше 3 и пол милиони евра, а со ребалансот и беа доделени повеќе пари, 4,2 милиони, па покрај раздолжувањето, остана и за мало честење. Градоначалникот Мерко се правдаше дека возниот парк на општината бил стар, а зад него се фрлале камења зошто бил успешен.
Воопшто не е луксуз, бидејќи луксузни коли се тие што ќе поминат цена од 100 илјади евра. Ние не купивме А6 со фул опрема од три илјади кубици или А8 од поновите кои се над 120 илјади евра. Немојте, еден обичен граѓанин денеска патува со кола од 50,70, 100 и повеќе илјади евра, рече Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
Експертите веќе предупредија власта да ги заузда раскалашаните општини.
Се уште има градоначалници кои се однесуваат ноншалантно, директори на културни домови, театри и други институции кои земаат огромни пари, а се однесуваат како да се тоа нивни пари, а не наши, на сите граѓани, вели Абдулменаф Беџети, академик.
За да се надминат вакви луксузирања, Финансии веќе јавно ги објавува долговите на сите корисници, а бара помош и од медиумите.
Ние како МФ направивме сериозни чекори за транспарентност, практично вие како медиуми и граѓаните да можат да го следат трошењето на сите институции, не само на општините, и да прават притисок доколку има неефикасност, вели Тевдовски.
Владината стратегија за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, усвоена неодамна, ќе почне да се остварува по изборите. Тогаш треба да зајакне и Државната ревизија, бидејќи сега само 90 ревизори ја следат работата на над 1.000 институции.
Нина Нинеска-Фиданоска