
Ќе се затворат градинките, училиштата и факултетите на 14 дена- препорака на комисијата за заразни болести по новите 4 случаи на КОВИД-19
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок бара сите детски градинки, основни, средни и високообразовни институции да запрат со настава, односно во наредните 14 дена да не работат.
Препораката е да се забранат сите масовни собири на отворено и затворено, како и сите културни и спортски настани. Во соопштението уште се наведува и повозрасните лица да избегнуваат јавен превоз.
Комисијата препорачува сите вработени во јавното здравство да бидат ослободени од понатамошни активности поврзани со изборниот процес.
Комисијата за заразни болести препорачува задолжителна самоизолација од 14 дена за граѓаните кои ќе дојдат од високо и средно ризичните земји, како и да се избегнува патување во тие држави. Списокот на ризични земји ќе се објави на сајтот на Министерството за здравство и постојано ќе се ажурира.
Една од предложените мерки е забрана за извоз на медицински материјали и средства од државата освен со посебни дозволи од министерството.
За оние што нема да ги почитуваат правилата и препораките, комисијата соопштува дека ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Последната предложена мерка е да се воведе health locator карта за сите авиони, летови и авиокомпании.
Препораките треба да ги усвои владата на седницата која е во тек и по која ќе има прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче. ТВ Телма ќе ја пренесува прес конференцијата во живо како и на стрим на својата ФБ страница