
Ќе се замени ли технологијата на Дрисла или депонијата ќе ја загадува околината и во иднина?
Град Скопје ќе менаџира со Дрисла, но дали депонијата ќе ја загадува околината и како ќе продолжи да функционира во иднина, прашуваат од еколошките организации. Градоначалникот Шилегов потврди дека најмалку за еден месец ќе биде реструктурирано претпријатието. Но, покрај новиот менаџмент – депонијата ќе продолжи да работи со застарената технологија која не е според стандардите на Европската унија.
Станува збор за многу сериозна технологија со која располага претпријатието каде што се складира отпад, алармира Бујароска. Но, ги предупреди градските власти дека потребно е да се инвестираат многу пари за таа да биде сменета.
Градоначалникот Шилегов вчера објави дека депонијата ќе биде под владение на Градот, наместо нејзин концесионер да биде германската „Шолц“ како што првично беше планирано. Денес тој кажа дека претпријатието ќе добие нов директор кон крајот на летото.
Дрисла веќе осум години е без концесионер. Со 32 гласа на советниците вчера, од игра отпадна германската „Шолц“. Градоначалникот Шилегов е упорен, ниту италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ нема да биде газда на Дрисла иако се води спор помеѓу нив и Градот, за стопанисување со депонијата за комунален отпад која постои веќе 25 години.
Петар Догов