
Ќе се трансплантираат несродни матични клетки на Клиниката за хематологија
Ако немаат дарител од семејството – пациентите ќе добијат донирани матични клетки без да бидат испратени во странство.
Трансплантацијата на несродни матични клетки на Клиниката за хематологија ќе ја прават домашни лекари едуцирани во странство. Пациентите ќе бидат оперирани и третирани во целосно реновираниот Оддел за трансплантација.
„Требаше да се зајакне мултидисциплинарната соработка, бидејќи основно е да сфатиме дека трансплантацијата претставува тимска работа кадешто не е вклучен само тимот од Клиниката за хематологија, туку и останатите тимови од сите клиники во склоп на стариот клинички центар. За сето ова беа потребни средства и буџет. Беа потребни и средства за обезбедување лекови кои ќе ја направат оваа процедура сигурна за нашите пациенти“, кажа Д-р Ирина Пановска Ставридис – Директорка на Клиниката за хематологија.
Првото пресадување на матични клетки во Македонија се направи со помош на грчката болница Папаниколау, на одделот за трансплантација на Хематологија кој е отворен во 2000 година.
Со изведувањето на операции за пресадување на донирани матични клетки, ќе се тргне дополнителниот товар од семејствата на болните и од државата. Операции се правеа најчесто во Германија и во Турција. Трошокот по пациент изнесува помеѓу 150 и 200 илјади евра.
„Планираме сериозни заштеди на буџетот, некаде околу 75% од парите кои сега ги плаќаме за лекување во странство, а пари коишто ќе ги вложиме во нашиот здравствен систем, во имплементирање на нови лекови на позитивната листа и секако во зголемување на платите и сумите на дежурства за лекарите и медицинските сестри“, кажа Венко Филипче – Министер за здравство.
На Клиниката за хематологија, за 17 години направени се 440 трансплантаци на матични клетки кај пациенти со малигни и немалигни заболувања на крвта.
Статистиките покажуваат дека на годишно ниво, во Европа се прават од 25 до 27 илјади трансплатации со кои се лекуваат и до 84 различни видови на болести.
Петар Догов