
Ќе се ревидира студијата за Студенчишко блато
Студијата за заштита на Студенчишкото блато која беше изработена пред шест години ќе биде ревидирана, односно ќе биде изработена нова, најави општина Охрид. Причина за тоа се промените на просторот каде е изградена пешачка патека и потребата од нови содржини кои ќе бидат во функција на зачувување на еко системот и негова валоризација во туристички цели, тврди општината. За таа цел во текот на овој месец ќе се одржи голема донаторска конференција под покровителство на премиерот Заев.
„Се очекува на оваа донаторска конференција да има повеќе меѓународни организаации, очекуваме успех и конечно вистинска ревитализација на Студенчишкото блато и ставање во функција на истото како природен филтер на Езерото и се разбира како нова туристичка атракција“, изјави Томе Џамтоски портпарол на општина Охрид.
Новата студија треба да ги разграничи зоните за активно управување и одржливо искористување каде се дозволени активности на човекот, од строго заштитената зона на блатото, кое се протега на површина од околу 64 хектари. Таа треба да ги дообјасни придобивките од Студенчишкото блато наведени во старата студија, а не да ги поништи, велат од движењето Охрид SOS, кое изработи предлог проект кој предвидува научни и едукативни содржини во функција на еколошка заштита и развој на туризмот.
„Изградба на патека на колци, набљудувачници за птици, поставување на камери и пренос на животот во блатото на специјален канал, следење на ревитализацијата и на одредени ретки животински и растителни видови и птици, како што е видрата која е европски заштитен вид, а која ја има во блатото и каналот Студенчишта, поставување на информативни табли и ред други идеи кои ќе ја подигнат еколошката свест и ќе го промовират Студенчишкото блато“, изјави Трајче Талески од движењето Охрид SOS.
Од општината велат дека предлог проектот на движењето Охрид SOS ќе биде земен предвид при изработката на студијата за Студенчишкото Блато. Со неа се предвидува дислокација на ЈП Охридски комуналец од блатото, отстранување на стотици тони граежен шут и цврст отпад сепонирани во минатото и ископ на канали за ревитализација на уништените делови од еко системот. Исто така се разгледува и опцијата за дислокација на езерската полиција и центарот за обука на вода на АРМ од брегот на каналот Студенчишта на чие место се разгледува можноста за изградба на марина.
„Што ќе понуди новата стратегија што ќе ја направиме, тогаш ќе разговараме дали таму ќе има марина“, истакна портпаролот на општината Џамтоски.
Елаборатот за изградба на марина го изготви скопската проектантска куќа „Тетрактис“ од каде велат дека предлог проектот е изработен во согласност со највисоките европски стандарди за заштита на животната средина. Додаваат дека марината мора да претставува интегрално решение за целото Студенчишко блато, а не проблем. Проектот предвидува проширување на каналот и изградба на инфраструктура од дрво и други природни материјали.
Горан Момироски