
Ќе се обештетуваат прекините во снабдувањето со струја
Од септемрви граѓаните и малите компании потрошувачи ќе можат да бараат обештетување доколку имале чести прекини во снабдувањето со струја или тоа било неквалитетно. Барањето ќе го достави до операторите МЕПСО и ЕВН кои може да го прифатат барањето и да ја признаат својата грешка но и да го одбијат. Во тој случај барањето ќе го разгледува тричлена комисија која ќе одлучи дали лошата испорака на струја била причина за дефект на некој апарат и дали на потрошувачот треба да му се исплати надомест на штета.
„Ако прекинот бил планиран и објавен но траел повеќе од предвиденото, потрошувачот ќе има право на стандарден надоместок на штета, т.е намалување на цената за користење на мрежата за 10 % ако прекинот бил до 12 часа, а за секои наредни 20 часа ќе се зголемува за дополнителни 10 проценти“, вели Марко Беслимовски од РКЕ.
Од операторите ќе се бара да имаа посебни служби што ќе работат на барањата на потрошувачите а на одговорното лице ќе му се гарантира дека нема да го изгуби работното место доколку донесе одлука во корист на потрошувачот. Правилникот за надоместок кој мора да биде усвоен до 5 септемрви предвидува исти права и за производителите ако прекинот со струја трае подолго од 5 часа
„Доколку бил повластен производител за обештетување ќе се земе предвид повластената цена, а доколку не е, ќе се зема цената по која продава на слободниот пазар. Тоа ќе се множи со количината врз основа на претходното седумдневно производство“, вели Беслимовски.
Од ЕВН информираат дека по увидот на нивната комисија составена од електроинженери и електромонтери, во 2017, како несоносвани се одбиени 42 % од барањата за обештетување, 33 % завршиле со поправка на оштетените апарати а за 25% од барањата е исплатен соодветен надоместок. Во Министерството за економија пак велат дека во последниве 3-4 години до нив пристигале по 1-2 пријави за проценка на напонот на испорачаната струја а само една минатата година. Случајот завршил на Управен суд и тоа во корист на потрошувачот.
Виолета З. Стојановска