Ќе се намалуваат патните трошоци на пратениците и министрите?!

Патните трошоци на пратениците, министрите и на другите именувани лица, ќе се намалат за најмалку една третина од сегашната сума, доколку бидат усвоени измените што денеска ги предложи пратеничката група на СДСМ до Собранието. Тие бараат намалување на процентот за литар гориво по километар, но и нов начин на наплата на патарините, за да се спечат можните злоупотреби.

За ова ќе треба да се изменат законите за плати и надоместоци на именуваните лица, како и Законот за пратеници. Според актуелното законско решение, во двата закони е предвидено плаќање надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30 проценти за литар гориво по километар.  Од СДСМ ги доставиле измените и до  претседателот на Собранието Талат и до координаторите на другите пратенички групи, уште пред еден месец, но досега никој не им одговорил. Се надеваат дека сите ќе ги прифатат и дека ќе се најдат на дневен ред веќе на наредната седница. На брифингот со новинарите, нагласија дека овие измени може да се и привремени, а во иднина да се дискутира и за други модели како службени станови и слично.

Компаративната анализа покажа дека, од државите во регионот, Македонија исплаќа највисоки суми за патни трошоци на пратеници. За шест години, од државната каса се извлечени близу 5 милиони евра за оваа намена. Во просек, тоа се по 40.000 евра за пратеник. Некои пратеници, само за четири месеци, инкасирале по 4 илјади евра за патни трошоци. Веднаш по нас е Словенија, со просечни пратенички патни трошоци во висина од 36.000 евра, додека Косово исплаќало 6.000 евра патни трошоци по пратеник во текот на шест години. Некои земји, како Хрватска и Бугарија,  на своите пратеници им плаќаат и авионски карти, но за тоа имаат ограничување. Други имаат систем на службени станови или плаќање кирија, но сите  имаат далеку помалку одржани седници.Од СДСМ признаваат дека, делумно, високите патни трошоци се должат и на неефикасноста на Собранието, кое одржува седници секој ден,со месеци расправа за некои закони, но и често врши измени на законите.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ