Новиот тарифник ќе ги намали наградите на извршителите

Ќе паѓаат  наградите на извршителите. Министерството за правда е при крај со Тарифникот, кој  многу наскоро треба да биде донесен, дознава Телма. Од правда потврдуваат дека новото решение  се прави врз база на првичниот предлог кој беше испратен до извршителите, за кој пак тие протестираа и на еден ден ги затворија извршителските канцеларии. Од министерството за „Телма“ потврдија дека останува решението од 1.000 на 300 евра да падне максималната награда за извршителот, која може да ја наплати при извршување од сметка на граѓаните, на која пак извршителите најмногу реагираа.

По минатогодишната промена на Тарифата на извршителите, Министерството за правда повторно подготвува измени. Измената која беше најавена за намалување на горниот лимит за награда за извршување врз сметка на физичко лице ќе биде усвоена. Врз основа на првичниот предлог ќе се донесат измените на Тарифникот“ – велат од Министерството за правда.

Првиот човек на комората Зоран Димов нема коментар, вели ќе го чекаат конечниот предлог па ќе се договорат како ќе постапуваат. Не биле повикани на средба во министерството. Инаку извршителите на итното Собрание на комората покрај одлуката за еднодневен прекин со работа, се заканија  и дека ако помине предлогот на Дескоска трајно ќе ги затворат канцелариите.

Димов на денот на протестот за Телма изјави дека со новиот предлог на Дескоска, им се намалуваат наградите за 70 проценти што е неиздржливо за нив бидејќи голем дел од извршителите едвај преживувале.

„Голем број на извршители едвај прежвуваат во нивните канцеларии. Имате извршители кои апсолутно немаат ни толкав број на предмети, немаат ни предмети од таков опсег.“- изјави тогаш  Димов.

Заев и Дескоска, веднаш по протестот на извршителите излегоа со законски измени со кои ќе се отпишуваат каматите на долговите на граѓаните кон државните и јавни претпријатија кои стигнале на извршување заклучно со крајот на 2017 година, а долгот ќе се репрограмира и ќе се плаќа на  повеќе месечни рати. Измени има и во Законот за извршување со кои извршителите од сметките на граѓанитесо просечна плата и пензија  нема да смеат да земат повеќе од една петина од приходот, наместо сегашната една  третина.

Наспроти тврдењата пак на извршителите дека едвај преживуваат, податоците од Централниот регистар кои ги објави „Телма’ покажаа дека околу 100 извршители во земјава, лани имале приход од 12,5  милиони, а ќар  од 4,7 милиони евра.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ