Ќе се гуши ли Скопје во загаден воздух и во иднина, на сметка на градежниот бизнис?

Ќе се гуши ли Скопје со загаден воздух и во иднина, на сметка на градежниот бизнис? Големиот број капитални инвестиции низ годините покажува дека градежништвото е главен двигател на економијата. Статистика измери дека лани во Скопско биле издадени 1040 одобренија за градба.

Законот за урбано зеленило е јасен. 20% зеленило на секоја градежна парцела и 25 метри квадратни по жител, во урбаните средини. Од ДОМ и Зелениот институт прашуваат на кој начин се спроведува законот. 

Маја Морачанин, пратеник од ДОМ – Како да се обезбеди, низ која правна процедура, ревизија на ДУП-овите, особено во општините на градот Скопје, бидејќи сме сведоци дека минатите години општините доживеаа една експанзија на градење и тоа водеше кон дехуманизација на просторот и еден неквалитетен живот на самите граѓани

На социјалните мрежи се појави снимка од сеча на дрвја поради изградба на станбени објекти, на приватно земјиште во населбата Аеродром. Тоа повторно го отвара прашањето – ќе ги заштити ли некој градските зелени површини кои трпат, на сметка на градежните активности.

Скопскиот градоначалник Шилегов побара законски измени во врска со прашањето за приватните градежни парцели.

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје – Градот Скопје веќе има побарано измена на законската регулатива која што се однесува на зеленилото кое се наоѓа во приватните парцели, како што е во конкретниот случај. До нас, во дадената ситуација е доставено барање за отстранување на тие дрва заедно со градежна дозвола. Ако вие дома имате двор и имате куќа и сакате таа дрва да ја проширите, треба да побарате дозвола од градот да го отстраните тоа дрво

Шилегов истакна дека бараат и измена на правилникот за градба, бидејќи Градот нема ингеренции во издавањето дозволи за градење, а ДУП-овите се на товар на градоначалниците.

Градоначалникот Шилегов на почетокот на својот мандат даде збор дека екологијата и животната средина ќе бидат клучни приоритети бидејќи на Скопје му е потребно повеќе зеленило и паркови.

Минатиот месец, јавноста ја брануваше планираната сеча на шума на Водно, каде што багери го израмнуваа теренот, поради изградба на гасовод од Скопје до Гостивар. Инвеститорот образложи дека одлуката за трасирање на гасоводот по сртот на Водно, е само затоа што таа опција е најевтино решение. По бројни иницијативи на граѓански здруженија, стопирани беа градежните активности, а за изградбата на гасоводот ќе одлучуваат и граѓаните на референдум.

Во 2015 година, поради градежни активности и пробивање на патот кон новата населба Сончев Град која се уште се гради, заштитена шумска зона беше оштетена и беа исечени дрвја на површина од 5.600 метри квадратни. Патот со месеци стои изграден, но не се користи. По него минуваат само велосипедисти, кои ги прескокнуваат поставените барикади.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ