
Ќе им се оддолжиме на Свети Кирил и Методиј со негување на јазикот и културата
Мораме да ги негуваме правописот и правоговорот на стандардниот македонски јазик во училиштата, но и нашата култура, дома и во странство , за како наследници, да им се оддолжиме на сесловенските просветители и рамноапостоли, Свети Кирил и Методиј, вели претседателот на Комисијата за македонски јазик.
Мораме да ги негуваме , особено во школите, основните и средните училишта , правописот и правоговорот на современ македонски јазик, на стандардниот македонски јазик. И на тој начин да им се оддолжиме на делото. И на друг начин, да ја негуваме нашата култура, што се создава во нашата држава и пошироко, што се создава во светот и во Европа, што се создава на македонски јазик, вели Људмил Спасов- претседател на Комисијата за македонски јазик.
Реториката меѓу Македонија и Бугарија, годинава ја вжешти конфронтацијата околу потеклото на Гоце Делчев и изданието на БАН, во кое македонскиот јазик се толкува како западен дијалект на бугарскиот. Сепак. делегации на двете држави денеска положија цвеќе на гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим. А, бугарскиот премиер со поблага реторика на Фејсбук.
Среќен ден на бугарското образование и култура и на словенската писменост. Со чувство за национална гордост ја обожаваме работата на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кои, денес се изразуваме слободно на својот мајчин јазик и го сочувавме нашиот духовен идентитет како народ и држава, напиша Борисов.
Во честитиката за празникот, претседателот Стево Пендаровски ја истакнува определбата на нашата држава да гледаме кон иднината и да подадеме рака за соработка.
А премиерот Спасовски ја истакна обврската на нашата генерација да го продолжи визионерството на Свети Кирил и Методиј и во овие околности на Ковид- 19, во кои целите на образованието ќе се заменат со новите технологии.
Поради пандемијата празникот на светителите генерално се слави на социјалните мрежи и на интернет.
Сотир Трајков