Ќе го спаси ли Собранието СЈО или предметите ќе одат кај Јовевски и Русковска

Државниот обвинител Љубомир Јовески чека да ги добие заклучоците од вчерашниот колегиум на Кривичниот суд пред да одговори јавно на нивното барање дали ќе побара од Собранието автентично толкување на Законот за СЈО, но и како ќе се изјасни за тоа кое обвинителство во иднина ќе ги застапува предметите на СЈО.

Додека Јовески даде одговор на овие дилеми судиите од Кривичен ќе треба да одлучуваат за прашања како што се куќните притвори на Мијалков, Камчев и други во „Империја“. Од судот потенцираат дека секој судија самостојно ќе одлучува што е итно, но и дали ќе го го почитуваат мислењето на Врховен или не.

Основниот суд Скопје 1 во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој мислење даде Врховниот суд на Р.Македонија, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, се со цел да не дојде до непотребно одолговлекување, велат од Кривичниот суд.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во телефонски разговор за Телма уверуваше дека автентичното толкување ќе го стави на пленарна седница во најкус временски рок. Така на пример ако утре на 6-ти февруари биде испратено во Собранието очекува пред пратениците да се најде на седница на 18-ти февруари. Во периодот помеѓу, материјалите ќе треба да бидат поделени на пратениците, да се произнесе надлежната собраниска комисија и ќе се бара мислење од владата, што не е обврзувачко.

Автентично толкување може да даде само Собранието. Што сакал законодавецот да каже со законот може да толкува само Собранието што го донело законот а не тој што го спроведува, вели Џафери.

Поранешната судијка во Стразбур Маргарита Цаца Николовска и пензионираната врховна судијка Вера Коцо сметаат дека Врховниот суд не бил надлежен за ова прашање. Николовска потенцира СЈО не е мртво, дека на овој начин осомничените не може да се ослободат од кривична одговорност, правниот систем мора да најде начин овие предмети да добијат завршница.

Врховниот суд не е прв пат да се залета со вакво правно мсилење кои не соодвествуваат на правата состојба во општеството. Ова правно мислење е штуро и донесено во време кога судовите немале различни одлуки, па евентуално да сакаат да усогласат нешто, рече судијката Коцо.

Кривичен вечера донесе заклучоци со кои покажа дека се сомнева во одлуката на врховен и надлежноста му ја препушти на Собранието, тоа да пресече каква ќе биде судбината на СЈО и истрагите за многу поранешни и сегашни функционери.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ