
Ќе ги скара ли метлата коалиционите партнер, или, сепак, ќе ја договорат
Ќе ги скара ли најавената метла за после изборите коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, или, пак, двајцата лидери ќе успеат безболно да ја истуркаат реконструкцијата од која не отстапува премиерот Заев, за која, вели, веќе од денес ќе почне да прави анализи заедно со своите соработници, а ќе ја стартува откако ДИК официјално ќе го затвори изборниот процес.
Фактот што државата веќе го доби својот претседател, ќе им даде ветар во грбот за тоа побрзо да го истуркаат.
„Јас сум надлежен во извршната власт, овде ќе има промени, почнувајќи од Владата, заменици министри, државни секретари, па по вертикала по државни јавни претпријатија, државни акционе4рски друштва, а истовремено ќе направам промени и во СДСМ, со одредени носители на функции на локално и централно ниво, сето заедно имаме намера, затоа што партијата добила одговорност, и низ органите и телата на партијата, и органите и телата на државата, пред се парламентот, во еден најбрз период да се направат промените“, вели премиерот Заев.
Упатени извори велат дека ако нешто драстично се прави, мора да се направи во следниов месец, реконструкција да се предложи пред одморите.
Бројни шпекулации кој ќе се збогува со зградата на Илинденска, се споменуваат министри од економската сфера, и тоа за неколку ресори. Премиерот неодамна рече дека промени ќе мора да направи и коалициониот партнер.
Но ДУИ, денеска малку револтирани што не добиле благодарност за помошта при изборот на претседател, не сакаат ни да го чујат терминот метла, сепак ќе правеле проценки.
„Метла и чистка не е терминологија на лидерот Ахмети, ниту на ДУИ, тоа се наши колеги, соработници, но сепка ќе наптавиме како партија анализи за да видиме каде може да бидеме поефективни“, вели Артан Груби, организациски секретар на ДУИ.
За министерот Бектеши за кого Антикорупционерите поднесоа прекршочна за непотизам, Груби вели дека веќе е разрешен проблемот со адресата на негоават сестра и таму веќе е пратена претставка, а за првиот човек на Екологија, Дураку за кого беа обелоденети трошења на државни пари, вели дека е битно кој колку сработил, а не дали испи едно или две кафиња.
Премиерот не сака да избрзува со имиња.
Во ДУИ уште не разговарале за кадровски промени. Што доколку премиерот им испорача список со функционери кои би требало да се заменат?
Можно е и министерот Дураку да замине од Екологија и да стане прв човек на новото Министерство за политички систем, кое ќе стартува од први јуни, опција која во партијата на Ахмети не ја исклучуваат.
Нина Нинеска-Фиданоска