
Казни за малите загадувачи
Министерството за животна средина го измени правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии на отровни гасови.
Сега сите сопственици на печки со оџаци кај кои инспекцијата ќе измери емисии на јаглерод моноксид и на азотни моноксиди над пропишаните гранични вредности, ќе бидат казнети за загадување на воздухот.
Досегашниот Правилник, кој беше од постар датум, досега имаше контрадикторни одредби кои ги блокираа инспекторите да ги казнуваат помалите загадувачи на воздухот со печки до 1 мегават, чии емисии досега се утврдуваа врз основ на застарен метод.
Тие не можеа да го докажат степенот на загадување најчесто кај малите индустриски погони или работилници, кои ги има во голем број во Скопје и во другите градови низ државата.