Казни по 2.000 евра за тројца адвокати поради неприсуство на судењето за „ТНТ“

Адвокатите Даути и Наков не беа присутни на денешното рочиште, поради обврски на други судења, а адвокатот Тасевски, поради откажано полномошно.

Неприсуството на адвокатите, судот го оцени како грубо навредување и одолговлекување на постапката и рече дека обвинетите ќе добијат бранители по службена должност и даде половина час пауза за процесно да се завршат работите.

Обвинетиот Тони Трајковски, на почетокот на денешното рочиште го информираше судот дека го отповикува неговото полномошно.

Јавниот обвинител Бурим Рустеми, ваквото настапување на бранителите на обвинетите го оцени како несериозно.

– Јас сум убеден дека ова откажување на полномошно е со цел да се одолговлекува постапката и сметам дека судот не треба да ги прифати ваквите игри, рече Рустеми.

Една од обвинетите, реагираше дека исказот и е единствена можност да докаже дека е невина и не сака да дава исказ во отсуство на својот адвокат кој е запознаен со случајот.

– Не сакам да се расправам, но ова е тендециозно. Денешното рочиште го закажавте од вчера за денеска и мојот адвокат не можеше да ги откаже обврските во Куманово и вие сега ми го ускратувате правото и ми назначувате адвокат по службена должност, изјави една од обвинетите.

Обвинетиот Миле Јанакиески, побара од судот да бидат сослушани и Фијат Цановски и Адријан Амзовски, но судијата Ставрев рече дека тоа не е можно зошто тие веќе имаат присуствувано на рочишта за ова судење.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Инаку од судот информираа дека од технички причини расправата за предметот од обвинителството означен како „Монструм“ закажана за денеска се одлага за да се одржи судењето за „ТНТ“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ