Казнените камати од Законот за облигациони односи, престојот на странци и заострување на казни против шпекуланти со цена и количина на храна- први уредби во вонредната состојба

Се подготвуваат промени со вонредната состојба кои ќе бидат реализирани преку владини уредби со законска важност. Вонредната состојба со сигурност ќе донесе привремено поништување на временските рокови во разни административни постапки и процеси за тестирања, но ќе има и други мерки.

-Една од уредбите која ја подготвуваме е за законот за облигациони односи, со цел да се намалат казнените камати и за граѓаните и за правните лица, како и да се регулира референтната стапка која ќе се применува. Тоа е една од првите уредби која ќе ја пуштиме. Разгледуваме и одредби кои се однесуваат на Кривичниот законик и тоа ќе биде во координација со министерството за економија. Ако се појави ситуација со шпекулација со цена и достапност на определени производи, може да воведеме одредба со цел граѓаните да бидат сигурни дека правните лица кои произведуваат и продаваат храна што секогаш ќе биде достапна за нив, изјави министерката за правда Рената Десковска Треневски.

-Една од првичните уредби која ќе ја предложиме на владата е уредбата за продолжувањ на законскиот престој во државата за странски државјани кои се затекнати во државата. Например дел се луѓе кои не може да излезат поради затворените граници, дел околу 29 лица се на територијата под карантин во Дебар и Центар Жупа, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

-Доколку сметаме дека во одредено подрачје мерките не се почитуваат, тогаш можеме комплетно да го ограничиме движењето во тоа подрачје. Вечерно време уште вчера почнаа засилени патроли. Сите потребни средства ќе ги ставиме во служба на армијата и полицијата, истакна претседателот на владата Оливер Спасовски.

Македонија ја измина првата ноќ од вонредната состојба, а првите луѓе во владата уверуваат дека нема никакви промени од мерките иако доколку не се почитуваат или има потреба ќе се прават итни измени и рестрикции. Нема да удриме по човековите права, тврдат од владата и апелираат сите да се придржуваат до определените мерки.

-Оваа одлука, е вистинската мерка која ќе помогне во остварување на грижата, која за нас е најважна, а тоа е јавното здравје и животот на сите граѓани подеднакво. Одлуките што ги носиме за справување со оваа кризна состојба се во насока колку што е можно помалку да им наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата што сега ги има Владата, ваквите вонредни политики во вонредна состојба, ќе можат полесно да се донесуваат.  Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам, рече Спасовски.

Судовите да ги почитуваат мерките кои ги пропиша судскиот совет. Застарувањето на предметите ќе се решава во договор со судството,  со можност периодот на пандемијата да не биде опфатен во рокот за застарување како што е направено во некои европски земји, вели Десковска. Сега главна задача ќе им бидат предметите за кривични дела против здравјето на луѓето.

-Судовите не може никогаш да ги затворите, и во воена состојба работат. Гледате дека и државниот обвинител испрати посебно предупредување дека приоритет ќе добијат кривичните дела против заштитата на здравјето и секако ако во таква ситуација се соочуваме со кршење на она што ќе значи правило да не се шири епидемијата, судовите ќе мора да работат, изјави министерката за правда.

По прогласената вонредна состојба МВР и АРМ ќе направат заеднички оперативен штаб за договор во кои активности армијата ќе и помага на полицијата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ