„Катимерини“: Илинденска Македонија е предлог на македонската делегација

Името „Илинденска Македонија“, според информациите од македонската делегација е предлогот на премиерот Заев што му го соопштил на Ципрас на нивната средба во Софија, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

„Очигледно ова решение не е дефинитивно бидејќи слични имиња беа ставени на маса во соседната земја и во неодамнешно минато (на пример, Крушевска Македонија). Исто така, не е јасно дали Атина го прифаќа ова име и е основа за дискусија за можно решение или, пак, тоа е само потег на македонската Влада за преговорите да добијат реален импулс“, пишува весникот.

„Катимерини“ исто така пишува дека Ципрас за време на викендов ќе ги информира претседателот на државата и политичките лидери за што разговарал со својот македонски колега.

Заев вчера на прес-конференција во Скопје посочи дека пријателството меѓу Македонија и Грција е веќе изградено и повтори дека има можно решение за кое ќе се дискутира одделно во двете држави. Во однос на решението потенцира дека станува збор за комплетно решение во кое е вклучена употребата на името, јазикот, идентитетот и опсегот на употреба, а не само парцијално.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ