
Катич: Граѓаните ќе донесат правилна одлука на референдумот
Граѓаните на референдумот ќе донесат правилна одлука, верува словенечката министерка за одбрана Андреја Катич. На денешната средба со нејзината македонска колешка Шекеринска упати силна поддршка за Македонија да се придружи на евроатлантското семејство. Референдумот е важен демократски институт и затоа сите треба да учествуваат во гласањето.
„Словенија го поддржува и поздравува договорот кој Македонија го постигна со Грција. Се разбира дека беа потребни попуштања од двете страни но, затоа јазикот и понатаму останува македонски, националноста останува македонска и веруваме дека на референдумот македонскиот народ правилно ќе одлучи“ изјави министерката Катич.
Словенија е најдобриот пример од регионот за успеси на економски и политички план по зачленувањето во НАТО што е стратешка цел и на Македонија. Двете екс ју републики тргнаа по ист пат, но со различни брзини. Првата жена на македонската одбрана смета дека меморандумот за соработка со Словенија ќе се реализира меѓу две полноправни членки на НАТО.
Амбасадата на Словенија ќе ја преземе и обврската за контактна амбасада на НАТО во Македонија со што продолжува цврстото партнерство во одбраната.
Христијан Станоевиќ