Карго аеродром во Штип нема, парите ќе се пренаменат за канализации

Неколкугодишната дилема конечно е разрешена – во Штип нема да се гради карго аеродром, што беше обврска на турски ТАВ како концесионер на аеродромите. Парите, 45 милиони евра, што оваа компанија требаше да ги инвестира во каргото, ќе бидат вложени во изградба на канализации, ги откри денеска владините планови министерот Сугарески.

„Во јавни добра, кои се од јавен интерес на граѓаните. Најмногу ќе бидат, бидејќи во владината програма ние го имаме тоа, во најголем дел ќе бидат во канализации. Министерството за транспорт и врски има распишано одредени огласи за изградба на канализации, и тие 45 до 46 милиони евра ќе се сведат на јавни добра за граѓаните“, рече Сугарески.

Претходно првиот човек на ТАВ Македонија, Ерсој, како можни проекти ги спомна аеродромите во Охрид и во Скопје, но рече дека за што ќе се наменат парите, од компанијата ќе ги почитуваат владините упатства.

„Немаме конкретни информации што ќе се случува и како ќе се наменат средствата, вклучени се низа владини институции кои прават одредени испитувања, особено во однос на метеоролошките услови. Секако, ова е наша обврска согласно договорот за концесија, меѓутоа повторно нагласувам дека немаме конкретна одлука, решение, а доколку добиеме упатство од Владата, секако дека ќе инвестираме согласно нивните упатства“, вели Ерсој.

Изградбата на карго аеродромот, како што се најавуваше, требаше да чини околу 60 милиони евра. Силината и правците на ветерот беа главна причина зошто не се изгради уште во 2010. Инаку ТАВ досега во земјава инвестираше над 120 милиони евра.

Во поглед на името на скопскеиот аеродром, од ТАВ велат дека станува збор за политичко решение, и тие ќе ја почитуваат одлуката каква и да биде.

Унгарската компанија Визер, пак, денеска најави дека очекува оти ќе продолжи да добива субвенции за нискобуџетни летови, откако во јуни годинава ќе им истече договорот со Владата.

„Самата индустрија во поглед на авијацијата во Македонија беше буквално на колена, ситуацијата беше многу лоша. Во тој период имаше тендер, на кој Визер се пријави, ние го освоивме тендерот и очекуваме повторно тоа да го направиме во иднина. Договорот ни истекува во 2018, но она што очекуваме да се случи е да се воспостави нова шема од страна на Владата, а потоа да одлучиме дали ќе аплицираме или не“, вели  Јозеф Варди, главен извршен директор на Визер.

Визер, која држи најголем дел од пазарот во земјава, лани превезле 1,2 милиони патници од Македонија, за 20 проценти повеќе во однос на 2016, а годинава пак, очекуваат зголемување на бројот на патници за 23 проценти. Со најавената редовна линија Охрид-Виена, Виз ер ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија. Од ТАВ потенцираа дека ќе останат фокусирани кон проширување на мрежата на авиолинии.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ