Капиталните инвестиции повторно потфрлија – за пет месеци само 13,7 отсто

Во годината што е прогласена за економска, повторно слаби бројки за капиталните инвестиции. За пет месеци или близу до средината на годината државата за енергетика, гасификација, патишта и училишта потрошила само 58 милиони евра, што е само 13,7 отсто од вкупните предвидени пари, 422 милиони евра. Тоа значи дека за следните 7 месеци треба да се инвестираат дури 364 милиони евра, што изгледа како невозможна мисија ако се продолжи со сегашново темпо. Гледано по месеци, најслаби се првите, но и во најдобриот мај вложувањата тежат само 16 и пол милиони евра.

Овие потфрлања се споменуваа и како една од главните причини за реконструкцијата, а од економските ресори, настрада само првиот финасиер Тевдовски. Според професорот Славески, може да се шпекулира дека тој не вршел доволно притисок врз буџетските корисници за забрзување на инвестициите.

Можеби се очекува дека премиерот тоа сега ќе го забрза, но тоа се шпекулации, ќе видиме што ќе биде, но очигледно кај голем број буџетски корисници нема капацитет, вели Трајко Славески, поранешен министер за финансии.

За даночниот експерт Павле Гацов, пак, неопходно е да се смени сегашното лошо менаџирање, со барање одговорност зошто не се завршени планираните проекти.

Ова го знаат и премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев, во бизнисот така се работи, а тие што потфрлиле и кочат, да се отстранат, вели Павле Гацов, даночен експерт.

Министерот Сугарески, пак, е задоволен, вели – неговиот ресор бележел одлична реализација.

Оваа 2019 година се собираат плодовите од затекнатите административни пречки од минатиот период. Заклучно со јуни реализираме 50% од гасификацијата. Уште од сега со сигурност може да најавам 100% исполнување на овој клучен проект. Изградбата на социјалните згради е 100% реализација… Зборот важи!, напиша Сугарески на својот ФБ профил.

И лани беше слаба реализацијата на капиталните инвестиции, па затоа Владата со ребаланс на буџетот од таа ставка скрати 100 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ