
„Каналот за комуникација“ не функционира пет дена
Главните политички противници СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се уште не ги доближиле ставовите по прашањето на изборите. СДСМ тврди дека Уставот наложува да има избори на петти јули, а ВМРО ДПМНЕ бара прво да се стави под контрола епидемијата. Бидејќи нивниот канал за комуникација не функционира од петокот, разговорите ги водат преку медиумите.
Онаму кадешто Зоран Заев стави точка, Христијан Мицкоски додаде уште две точки. Лидерот на СДСМ става точка по констатацијата дека избори треба да има на 5-ти јули, а лидерот на ВМРО ДПМНЕ има намера за избори да разговара откако ќе се справиме со вирусот.
Мицкоски вели дека неговата партија сака компромис, но не се чувствува пријатно да зборува за избори во денови кога се бројат жртви и новозаболени.
Од СДСМ велат дека изборите се решение, а не проблем. Неопходно е да имаме функционален Парламент кој ќе се справува со здравствената но и со економската ситуација.
Минатата недела, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ речиси постигнаа договор кога и како да се реализираат одложените предвремени избори. Терминот беше меѓу 5-ти и 15-ти јули. Но, последните пет дена, во кои не функционира каналот за комуникација, партиите се вратија на старата реторика и на несогласувањата: дали избори треба да има на почетокот или на крајот од летото.
Соња Николовска