Кампањата за иден претседател наголемо се води на социјалните мрежи

Видеа, пораки, лајв-стримови – кампањата за иден претседател на државата започна на социјалните мрежи. До сега тројцата сигурни кандидати за иден претседател ја почнаа битката за гласови преку интернет просторот, најмногу на фејсбук, помалку на твитер и на инстраграм. Бојан Кордалов, експерт за нови медиуми, вели дека таа битка, како и кампањите на политичките партии, никогаш и не запреле откако постојат социјалните медиуми. Според него тежината на социјалните мрежи им ја дава можноста за двонасочна комуникација со гласачите.

„Реално се влијателни ако ги земеме бројките, кои што покажуваат речиси 80% пенетрација во интернет просторот на секојдневно ниво. Понатаму над милион профили од нашата земја кои што се активни  на фејсбук, над половина милион на инстраграм и т.н. Значи можеме да зборуваме за влијание, меѓутоа бројките, сами по себе, не прават добра стратегија на политичките партии“, вели Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавност.

На социјалните мрежи кандидатот на коалицијата на власт, Стево Пендаровски, има неколку фејсбук страници преку кои се обраќа до јавноста. Две се креирани во март, од кои едната е и на албански јазик, но Пендаровски е активен и на својата стара страница креирана за претседателските избори во 2014. Кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, има еден профил и четири фејсбук-страници и сите се креирани пред околу еден месец. Сите се активни со секојдневни објави. Блерим Река, кандидатот на Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА, освен страниците на фејсбук креирани за претседатслките избори пред 10-на дена има и свој профил на твитер како кандидат за претседател.

И покрај влијанието кое го имаат социјалните мрежи, традиционалните медиуми сепак остануваат неприкосновени креатори на јавното мислење

„Идеална ситуација во секоја кампања е кога кандидатите се еднакво застапени и се борат за својот простор и на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи. Така што сугерирарме да се направи таа комбинација, оној микс, така што за успешна кампања мора да се биде присутен секаде, но не предосаден“, Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавност.

Дали тоа добро го прават идните кандидати за претседател, Кордалов е на став дека, тие за сега сакаат да покажат се што умеат и да бидат сеприсутни.

„Меѓутоа она што ќе недоставува е  да го структуираат своето присуство и да направат разлика – кога се присутни на одредена телевизија и со која порака, кога се присутни на одреден канал, да речеме како што е фејсбук“, Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавност.

Социјалните медиуми нудат водење кампања неоптоварена со регулативата на која подлежат електронските медиуми и весниците. Она што се регулира на социјалните мрежи се говорот на омраза, навредите, но не и обем на информации и нивното траење. Па ако кампањата на традиционалните медиуми почнува на 1 април, а се следи и работата на електронските медиуми и во предизборитето, социјалните медиуми се веќе длабоко навлезени во кампања.

 

Тамара Грнчароска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ