
Кампањата почнува на 24 јуни, ќе се гласа три дена
Претседателот, спикерот, Владата, ДИК и Службен весник подготвени го пречекаа вчерашниот договор меѓу Заев и Мицкоски за избори на 15-ти јули. Доцна синоќа, претседателот Пендаровски прогласи осумдневна вонредна состојба, Талат Џафери го измени Решението за распишување избори, Владата донесе нова Уредба за изборни дејствија, а Службен весник веднаш објави три броја, со што сите акти стапија во сила.
Попладнево, ДИК донесе нов Роковник на изборни дејствија. МВР за еден ден ќе достави листа на државјани кои до денеска побарале лична карта или пасош како и на лицата кои стануваат полнолетни до денот на изборите, за да бидат внесени во Избирачкиот список.
Според Владината уредба, изборната кампања почнува на 24-ти јуни и трае 20 дена. За прв пат, гласањето ќе биде распоредено во три дена.
Гласањето во домашни услови ќе го спроведе избирачки одбор составен од тројца здравствени работници, плус по еден член именуван од власта и од опозицијата.
Овие граѓани треба сами да се пријават седум дена пред денот на гласањето. Ќе бидат ангажирани 500 до 600 медицински лица.
ДИК ќе спроведе едукација и ќе исплати паричен надомест за сите изборни органи освен за членовите на Државната комисија. Ветува максимална заштита на целиот изборен процес.
На 15-ти јули, гласањето ќе трае 14 часа: од 7 до 21 часот. Министерството за здравство ќе обезбеди заштитни маски, ракавици и друга заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.
За време на овие осум дена вонредна состојба, согласно Уредбата на Владата, нема да важи забраната за нови градежни зафати, вработувања, социјални, пензиски или други дополнителни исплати од буџетот, како и за реклами финансирани со буџетски средства.
Соња Николовска