
Камионите кои извезуваат расиплива стока на Табановце и Богородица ќе чекаат најмногу час и половина
Времето на чекање на камионите со кои од земјава се извезува лесно расиплива стока, на граничните премини Табановце и Богородица ќе се намали двојно и нема да биде подолго од час и половина. Со новиот протокол кој стапи во сила, се воведува 24-часовен слободен коридор за приоритетните производи кои одат за извоз, како што се жива стока, стока во свежа состојба и опасни материи, со дополнителна лента за движење, наместо досегашните четири часа кои важеа само во доцните ноќни часови, од 21 до 1 часот.
„Во претходниот период се соочивме со проблеми и притисоци од извозниците и се дозна дека има протокол кој дефинира слободен проток само 4 часа, сметам дека тоа треба да е системски поставено, дека нема никаква пречка со дополнителни напори и интервенции да овозможиме 24-часовен проток на стоката, без да има потреба од никакви контакти и комуникации, туку да биде решено системски и сите извозници да знаат дека ова прашање е регулирано и дека имаат приоритет“, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
Од Бирото за јавна безбедност најавуваат дека на граничните премини ќе настапуваат координирано со царинските и инспекциските служби.
„Наша обврска ќе биде и при влез заедно со царинските службеници да се овозможи приоритетно движење на граничната линија до царинските терминали на возилата на дополнителна лента. За таа цел во МВР сме подготвени да го зголемиме бројот на полициски службеници на граничните премини за да бидеме поефикасни во спроведувањето на протоколот“, вели Лазе Велковски, директор на БЈБ.
24 часовниот коридор е на барање на деловната заедница, која сега ќе ги избегне подолгите задржувања на граничните премини.
„Слободниот коридор ќе може да се користи и за стоката во новиот компјутеризиран транзитен систем, а транзитните документи да се отвораат и во внатрешните испостави за да можат што побргу да ја поминат граничната линија“, рече Ѓоко Танасоски, директор на Царинска управа.
Бенефит од ова олеснување ќе имаат извозниците на прехранбени земјоделски производи, тие да станат поконкурентни на странските пазари.
Нина Нинеска-Фиданоска