
Каменос преку Твитер ја отстрани Кундура од пратеничката група на Независни Грци
По изјавата на министерката за туризам на Грција, Елена Кундура дека ја поддржува грчката Влада, Панос Каменос, преку неговиот официјален Твитер профил ја отстрани од пратеничката група на Независни Грци, јави дописничката на МИА од Атина.
Госпоѓа Кундура преку официјално соопштение одлучи да го замени нејзиниот глас и името на Македонија со министерската фотелја. Уште од сега ја ставам вон пратеничката група на Независни Грци, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил.
Кундура, преку изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, рече дека ја поддржува владата и порача дека не преговара за нејзиното право да гласа онака како што и налага совеста.
Јасно ја поддржувам владата да ја заврши својата работа. Свесно останувам далеку од ситни политички игри и како и во текот на целата моја политичка кариера, така и сега ќе продолжам да одам напред со сериозност, одговорност и единствен критериум, националниот интерес, вели Кундура за АНА-МПА и објаснува дека владата напорно работеше за конечен излез на Грција од меморандумите и мерките за штедење и затоа „не може да се дозволи да се прекине патот на земјата кон развој и просперитет и да се поништат жртвувањата на грчкиот народ“.
Министерката за туризам се наоѓа во Кина на планирано патување на владината делегација, затоа и не беше присутна на вчерашната прес конференција на лидерот на Независни Грци. Но, нејзиното име доста често, во изминатиот период во Грција се споменуваше меѓу имињата на пратениците кои ќе му завртат грб на Панос Каменос и освен што ќе ја поддржат владата на Ципрас, може да гласаат и за Договорот од Преспа.