Камбовски: Предложените измени не се спротивни на уставните начела

Предлогот на Владата за уставни измени содржи решенија кои се во согласност со договорот потпишан со Грција, а по својата содржина тие не се во спротивност со основните уставни начела. рече академик Владо Камбовски на годишнината од основањето на МАНУ.

„Решенијата што се содржани овде, се во согласност со универзалните стандарди за човековите слободи и права. Така што, прашањата за националниот идентитет, јазикот, посебноста се веќе надминати во договорот со Грција“, кажа Владо Камбовски – академик.

Кога предлогот на Владата ќе дојде пред пратениците, Камбовски очекува тие да ги земат предвид интересите на државата. Стравовите што кружат во јавноста околу тоа што ќе донесат договорот и уставните измени вели тој, се должат на незнаење. На оние на кои им треба дообјаснување за договорот, смислата на решенијата и нивната компатибилност со межународното право,ги повика да дојдат на разговор

„Пратениците да не решаваат по диктат, по наредба на партиските шефови, туку по своја совест и знаење,земајки ги предвид интересоите на државата и идните поколенија“.

Во одредбата што се однесува на дијаспората, Камбовски вели дека се вградени универзалните стандарди, односно дека секоја држава е должна да се грижи и да ги гарантира основните човекови права и слободи во своите граници. Фактот што сите држави потписнички на Европската конвенција за човекови права, ја прифакаат јурисдикцијата на Европскиот суд, претставува гаранција дека државата може слободно да оди со вака предложеното решение.

„Државата не може да преземе улога да се грижи во таа мера што таа ќе ги гарантира малцинските права на одредени групи од друга држава. Тоа претставува веќе мешање во внатрешните работи на другата држава и изразување степен на недоверба“.

Минатиот месец МАНУ организираше научна расправа посветена на договорот со Грција. Тогаш академиците рекоа дека спогодбата ги зацврстува идентитетските прашања и ги отстранува пречките за забрзана евроатлантска интеграција.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ