Калориметрите за парно пак актуелни, се бара начин да не ги изгорат граѓаните

Калориметрите за парно повторно актуелни. Не се задолжителни, но Регулаторна комисија за енергетика им препорачува на корисниците да ги постават во своите домови, за да можат да се греат кога сакаат и колку сакаат и сами да влијаат на висината на нивните сметки.

Со оглед што овие мерачи се скапи, а граѓаните треба сами да си ги купат, за тие да не ги изгорат, регулаторите им прдлагаат на Владата, операторот и градот Скопје да им помогнат, со тоа што ќе обезбедат поевтини калориметри, но и можност тие да се плаќаат на рати.

„Очекуваме дека тој што ќе набави поголеми количини на калориметри да добие и најниска цена, и на приклучените потрошувачи да им даде можност, бидејќи обврска е на потрошувачите да ги постават калориметрите во своите домови, овој трошок да се подели најмалку на 12 рати, со цел да не го осетат како трошок, а ио да можат својата потрошувачка на парно, како и со струјата, максимум да си ја оптимизираат, што ќе доведе до намалување на нивните трошоци“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Од владата не прецизираат дали ќе најдат начин на граѓаните да им помогнат при купувањето калориметри, но таа нема насила да ги тера граѓаните да ги постават.

„Секаде во развиениот свет се мери тоа што се плаќа и се плаќа тоа што се мери. Ние немаме механизам да ги принудиме граѓаните, но сите мерки што ги преземаме и ние и РКЕ, се во насока граѓаните да сфатат дека е подобро, онаму каде што е технички можно, да го применат тоа решение“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Мерните уреди е добро да постават оние што имаат хоризонтален систем на греење, односно приклучокот е пред нивните станови, а такви се околу 55 отсто од потрошувачите.

Од РКЕ уште еднаш уверуваат дека оние што останаа приклучени на градско парно нема да бидат во никој случај оштетени поради трошокот кој ќе се создаде откако ислучените од први април веќе нема да го плаќаат паушалот, Владата треба да најде начин како да се покрие загубата кај дистрибутерите тешка околу 1,5 милиони евра. Сметките што ќе ги добиваат корисниците, ќе бидат појасни.

„Досега токму од приклучените потрошувачи имавме поплаки за начинот на кој им се презентирани сметките преку ткн ангажирана топлинска моќност и очекуваме дека со новиот тарифен систем сметките ќе бидат многу поедноставни и поразбирливи“, вели Бислимовски.

Регулаторите се и пред одлука да се намали приклучокот за струја за новоизградените објекти и индустриски капацитети за најмалку 20 отсто, односно од 500 на 400 евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ