Какви анестезии користи македонското здравство?

Ја изгуби мајката, но се избори за својот живот. Бебето чија мајка почина за време на породувањето во приватната болница САНТЕ, во моментот е стабилно. Лекарите од интензивна на детската клиника успеаа да го спасат, но се уште е на апарат за дишење. Евентуалните последици по неговата здрасtвена состојба ќе се знаат дури откако ќе почне самостојно да дише.

Епилогот од овој случај беше забрана за работата на болницата. Надлежните во овој момент не откриваат дали се отстранети недостатоците што ги детектирале инспекторите и забраната повелечена. Во меѓувреме јавноста ја потресе уште една смрт. Тоа што по само неколку дена заради анестезија почина и 15-годишно момче за време на рутинска операција на колено „ја заледи крвта“ кај многумина. Уште толку се расколеба доверба во македонското здравство. Јавноста е се уште во шок. Граѓаните коментираат дека никој во овој момент не би сакал да се најде на операционен стол. Се сомневаат и во квалитетот на анестезијата.

За анестезиолозите реакциите се очекувани, но стравот кај граѓаните е неоправдан. Велат, се работи за коинциденција, бидејќи случаите се сосема различни и нема никава поврзаност со квалитетот на анестезиите. Анестетикот заради кој почина 15-годишникот,  македонското здратсво го употребува 20 години наназад, а со истата боца од препаратот што го примило момчето, претходно биле оперирани уште четворица пацинети. Реакција имало само кај него. Лекарите се единствени во овој случај. Велат сите клинички симптоми водат кон малигна хипертермија, генетска предиспозиција која не можеле да ја предвидат.

За случајот со 15-годишникот на почетокот и лекарите беа во шок, подоцна објаснија дека постои лек со кој можеби ќе го спаселе неговиот живот, но јавното здратсво го нема. Сепак, велат за да го дадат тој лек мора да се 100 отсто сигурни дека се работи за оваа дијагноза, во спротивно, токму оваа терапија би била кобна за момчето.

Дијагнозата од која наверојатно починало, пријавена е и во Биро за лекови како несакана реакција, бидејќи малигната хипертермија е една од многуте нус-појави наведени во упатството на анестетикот, акцентираат лекарите. Извесетни се и сите други надлежни институции, а комисиите формирани за расветлување и на двата случаи наскоро ќе излезат и со конкретни информации.

Анестезиолозите подолг период се на тапет на јавноста. Граѓаните почнаа да им откажуваат доверба уште пред околу две години кога слушнаа за нивните пијани колеги во случајот со починатите родилка и бебе во гевгелиската болница. Обвинителството отвори постапка за несовесно лекување, а судскиот процес се уште трае.  Во меѓувреме еден од обвинетите анестезиолози почина.

Весна Јовановска – Дојчиновска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ