Како се одвивала преписката за СЈО, „Монструм“, „Сопот“ меѓу Неделкова и Панчевски- нов судски скандал

Со фалсификат мислење од надлежен оддел во Врховниот суд – СЈО налетало на пречки додека се обидувало да ги преземе случаите како Сопот или Монструм.

Врховниот суд и актуелниот претседател Јово Вангеловски преку соопштение потврдија дека пред 6 дена на поранешната претседателка на Врховниот, Лидија Неделкова и поднеле кривична пријава заради документ со невистинита содржина.

Врховен тврди дека поранешната претседателка и на Врховниот и на кривичниот оддел во судот без да ги консултира останатите членови на одделот сама изготвила одлука за надлежноста на СЈО врз стари предмети за кои има разговори во таканаречените „бомби“.

„Утврдено е дека тогашниот Претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд на Република Македонија на 25.03.2016 година изготвил писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје I Скопје, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето. Истото писмо потоа повторно е заведено со датум од 01.12.2016 година и го доставил до Основниот суд Скопје I Скопје“, соопшти Врховен суд денеска.

Врховниот суд ја поднел кривичната пријава против Неделкова до обвинителството и бара итна постапка и истрага.

Врховната судијка Неделкова не одговори на нашите повици и пораки. Во текот на денот пристигна и нејзината реакција.

За Фокус тврди дека сите обвинувања се неосновани.

„Пријавата против мене е смешна и чиста глупост која доаѓа од некомпетентно лице, без разлика на формалната функција која ја извршува. Ќе кажам само дека Вангеловски е новиот Панчевски, па се надевам дека се разбираме“, изјави Неделкова за Фокус.

Кривичната пријава за која прашувате  е пристигната во јавното обвинителство и по неа се постапува. Во моментов не сме во можност да споделиме повеќе детали, ни одговорија од обвинителството за пријавата од Вангеловски за Неделкова.

Според сознанијата на Телма, поранешниот претседател на кривичниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски на 22-ри март во 2016-та побарал мислење што да прави со предметите кои ги бара СЈО, а Неделкова дополнително прашала за кои случаи станува збор.

На 24-ти март, Панчевски дообјаснил дека станува збор за предмети како Сопот, Монструм, Верушевски кои веќе се завршени или се отворени пред формирањето на СЈО.

Неделкова според документите најдени во Врховниот суд на 25-ти март (декласифицирани денеска) потпишала одлука во која стоело:

,, Одделот за казнени дела го разгледа вашето барање и го доставува следниот одговор:

СЈО треба соодветно да се легитимира во врска со својата надлежност. ,,

Одлуката била испечатена и ставена во коверт, но не била пратена до кривичниот суд, а во електронска форма останала во компјутерскиот фајл за предметот.

Пред парламентарните избори и пред истекот на мандатот на Неделкова на чело на Врховниот суд, одлуката повторно била испечатена-и заведена како да е донесена на први декември 2016-та.

Три дена подоцна завршил претседателскиот мандат на Неделкова, за В.Д. претседател на Врховниот е избрана Снежана Бајлозова. Изборите се на 11-ти декември, а ден по изборите Бајлозова го превзема кабинетот.

Тогаш кривичниот суд почнува да бара СЈО да ја докажува надлежноста за предмети за кои има бомби и сака да ги застапува на суд.

Врховниот суд инаку има надлежност да одлучува само за надлежност на пониските апелациони и основни судови.

Сите преписки биле класифицирани како доверливи информации, а од Врховниот суд своите документи сега ги декласифицирале за да може и јавно да се објават.

Нема образложение зошто преписката за предметите на СЈО била доверлива.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ