
Како ќе продолжи да „оперира“ детската кардиохирургија?
Неизвесно е на кој начин ќе продолжи да оперира воспоставената државна детска кардиохирургија. Извори за Телма откриваат дека сериозно се размислува таа да биде префрлена во приватната болница Филип Втори на Жан Митрев. Ова ќе значи примена и на нов модел на јавно-приватно партнерство со што се отвораат голем број на клучни прашања за покривање на трошоците и капацитетот на операции на деца на годишно ниво.
Капацитетот и инфраструктурата на детска кардиохирургија се зголемија за потребите на интезивната, но и за децата пациенти кои не се со кардиолошка патологија. Точно е дека го разгледуваме моделот за јавно-приватно партнерство, со цел да се подобрат условите, Фондот да не ја зголеми цената за плаќање, таа да остане иста, а да се подобри третманот на децата. Така може да станеме и регионален центар кој ќе биде атрактивен за потребите на децата со оваа патологија, изјави Филипче.
Во исчекување на одлуката постојат различни ставови. Доктор Владимир Чадиковски кој го водеше проектот не се согласува за преселба во клиниката на Жан Митрев. Тој претходно посочи дека идеален простор за детската кардиохирургија е во Осми септември каде претходно беше сместена болницата за кардиохирургија „Филип Втори“. Ваквиот предлог не е прифатен бидејќи се постави прашањето за посебни педијатри кои би работеле на интезивна нега на оперираните деца, а таков кадар во Осми септември нема, ниту имаше подготвеност да биде донесен.
Влегувањето во приватниот објект Филип Втори пак, е прифатливо за Жан Митрев. Хирургот во телефонски разговор ни потврди дека оваа опција се разгледува и дека за него е целосно изводлива со досегашниот број на создадени услови од неговиот тим при операции на деца.
Се наметнуваат повеќе дилеми како ќе функционира проектот за државна детска кардиохирургија. Колку операции може годишно да се извршат, колку државата од нив може да покрие со буџетски пари, колкав дел од трошоците ќе паднат на товар на самите пациенти, кој ќе се грижи за интезивната нега и во каков капацитет.
Жан Митрев јавно го критикуваше државниот проект за детска кардиохирургија со сомнежи за висок степен на смртност кај оперираните деца, како и за нестручност. Чадиковски кој од 2013 е дел од проектот одговори дека оперираните деца имале висок степен на ризичност и возврати дека претходно петстотина деца биле испраќани на операција во странство. Доколку се направи овој чекор двајцата ќе треба да функционираат под ист покрив.
Иако нема официјални статистики проценките се дека годишно има 250 до 300 деца со аномалии на срце, од кои речиси половина имаат потреба од хируршка интервенција.
Христијан Станоевиќ