
Како би изгледал животот после коронавирусот?
Пандемијата на коронавирусот за само неколку месеци комплетно го смени начинот на живот на неколку милијарди луѓе во светот.
Одржување на дистанца, заштитни маски, затворени продавници и паркови, ограничување на движење и карантини кои траат од неколку дена па се до неколку недели се новата реалност на која луѓето полека се привикнуваат. Нешто што досега се сметаше како сосема нормално или пристојно како најобичното ракување сега е најстрого забрането
Додека лекарите и епидемиолозите работат на спречување на ширењето на заразата и пронаоѓање на ефективна терапија и вакцина, надлежните ги разгледуваат мерките со кои полека ќе се враќа животот на граѓаните во нормала, онаа како пред пандемијата.
Како ќе изгледа животот по коронавирусот?
Она што можеби најмногу се чека во Македонија е кога повторно ќе се отворат кафулињата и кафеаните. Според најавите тоа ќе се случи во втората половина на овој месец а би работеле само бавчите и терасите и тоа со намален капацитет на гости и со одржување на задолжителната дистанца од два метри.
Традиционалното- песна на уво, во догледно време не доаѓа во предвид.
А се наметнува и прашањето како персоналот ќе ги служи гостите.
Сите свадби се откажани, министерот Филипче најави дека се бара преодно решение кое ќе подразбира редуциран број на гости и дистанца.
Хуморот кај граѓаните граѓаните не потклекна под епидемијата и затоа веќе се опишува како ќе изгледа една обична свадба во Македонија.
Се чека решение за театрите, кината и концерите клучни во социјализирањето и во животот на граѓаните. Кога ќе може повторно да се гледа претстава или филм, да се слуша музика на отворено, со каков капацитет тие ќе работат и под кои услови.
Како што се наближува летото се актуелизира и прашањето за одморите. Иако во карантин луѓето веќе размислуваат Охрид или на море? На кое море и како дотаму?
Во некои држави веќе се најавени преодни решенија. Во Словенија, по првомајските празници ќе може да се склучуваат бракови но без присуство на сватови а на маса во ресторан или кафуле ќе може да седат само членови на исто семејство.
Грција пак одлучи дека ќе ги отвори границите за туристи но дополнително ќе ја соопшти листата на државата чии граѓани ќе ги прима.
Плажите би се отвориле во втората половина на јуни, со редуциран број на гости и со задолжителчно дезинфицирање на лежалките и реквизитите. Во кафеаните и кафулињата ќе може да седат најмногу четворица на една маса а во такси возилата ќе смее да се вози само еден патник.
Она што е јасно е дека во догледна иднина ракувањето ќе биде во аут, дистанцирањето ќе остане, средствата за дезинфекција ќе останат во џепот или чантата на многумина, компјутерите и телефоните на работните места нема да бидат заеднички а површините кои често ги допираме ќе светат од честото дезинфицирање.
Огнен Чанчаревиќ