
Кафеаните отворија – Скопје раздвижено по подолг период
Угостителските објекти веќе немаат превртени маси и столици, ниту клуч на врата. Од денес повторно се отворени за гости. Скопје започна да ја живее таканаречената „нова реалност“, со некои нови навики. Дезинфекциски средства се задолжителни пред вратите и внатре во секој објект. Масите на пропишана оддалеченост. Сега се чека на гостите повторно да се опуштат и по два месеци карантин да се социјализираат на познатиот начин – со пијалок во раката или седнати на ручек.
Иако поделени во ставовите околу тоа дали сега е вистинското време за повторно да се вратиме на старите навики, луѓето се добро запознаени со правилата кои мора да се почитуваат за угостителите да работат.
Денес во дел од објектите дошле инспектори да проверат дали се е подготвено како што треба за да примат ограничен број на луѓе.
Инспекцискиот совет информираа дека тимови на инспектори секојдневно ќе посетуваат угостителски објекти. Воглавно, за да информираат и да едуцираат како треба да се спроведува протоколот за работа, во детали.
Во меѓувреме, министерот за економија Бектеши најави дека ќе побара Комисијата за заразни болести да го преиспита протоколот за работа на угостителските објекти каде е пропишано колку лица може да се послужат на една маса и дали се од исто семејство или не.
Кафулињата и рестораните ќе работат до 22 часот, но луѓето веќе можат слободно да се движат надвор. Македонија од вчера живее без полициски час, но се уште со нови бројки на новозаболени од Ковид-19.
Петар Догов