
Каде падна кокаинот кој требаше да заврши во Крушопек, се уште енигма
Каде е пресретната пратката од над еден тон кокаин наменета за Македонија сеуште не откриваат полициските служби кои учествуваа во акцијата. Неофцијално станува збор за Италија, каде контејнерите се отворени и дрогата извадена, а поставен ЏПС за да се следи патот. Сепак ниту полициските служби не потврдуваат ниту пак може да се најде било каква информација во тамошните медиуми.
Според неофицијални информации на „Телма“, идната недела токму во Италија, ќе се одржи прес конференција во врска со акцијата и заплената а на неа ќе бидат повикани претставници на македонското босонското и црногорското МВР.
Во Македонија истрагата продолжува, а покрај МВР вклучена е и Управата за финансиско разузнавање. Се испитува комплетното работење на фирмата „Бантекс“ но и бекграундот на сопствениците, нивните бизнис партнери и трансакциите. Во полицијата пак се вештачат запленетите мобилни телефони. Што е досега утврдено и дали има нови осомничени од МВР не соопштуваат.
Министерот Наќе Чулев, викендов преку социјалната мрежа „Фејсбук“, соопшти дека акцијата е завршена и дека се запленети над еден тон кокаин.
Со оглед дека меѓународната операција е комплетирана, потврдувам дека 1.129 кг кокаин од Колумбија беа наменети со крајна дестинација во нашата држава, а дека 1 кг кој беше фатен кај нас беше дел од контролиран транспорт, напиша Чулев.
Босанската безбедносна агенција „СИПА“ која учествуваше во акцијата потврди дека е запленето големо количество на кокаин и дека на територијата на Босна и Херцеговина се уапсени две лица. Повеќе детали не откриваат бидејќи истрагата е во тек.
Она што е познато е дека пратката кокаин од Колумбија била сокриена во транспорт на банани чиј набавувач е словенската фирма „Растодер“, која веќе реагираше и соопшти дека станува збор за злоупотреба од бизнис партнерите, во овој случај фирмата „Бантекс“.
Неофицијално, пратката е следена од првичната дестинација – Колумбија, а во Италија тамошната полиција ги отвара контејнерите, ги вади пакувањата со кокаин а камионите продолуваат кон пристаништето БАР. Оставен е само еден килограм кој ќе биде запленет во Крушопек.
Огнен Чанчаревиќ