
Каде ќе се гради депонија во југозападна Македонија
И по една деценија од формирањето, планските региони наместо развој и решавање на проблемите, се уште се на почеток и не можат да ги усогласат ставовите за клучни прашања, како што се заштитата на животната средина и управувањето со отпад. Пример за тоа е Југозападниот плански регион каде локалните самоуправи никако не можат да се договорат за локацијата каде да се изгради регионална депонија. Од здружението на комунални претпријатија АДКОМ велат дека во најголем дел тоа се должи на стравот на локалните заедници од евентуални негативни ефекти, кој според тоа е неоправдан, бидејќи се работи за зелени технологии.
Одлуката каде ќе се гради депонијата во Југозападниот плански регион ќе ја донесе владата, која неодамна времено го презеде управувањето со отпад од општините. Се проценува дека изградбата ќе чини 54,5 милиони евра, за што се уште не се обезбедени средства.
Иако од Министертсвото за животна средина не прецизираат на која локација ќе се гради регионална депонија, потенцираат дека таа ќе биде избрана согласно изработената студија, во која како најсоодветни беа посочени 4 локации, од кои како најпогодна се издојува таа во општина Дебрца. На тоа се противат општината и локалното население кое својата волја ја изрази и на референдум чија важност со одлуката на владата за преземање на управувањето со отпад од општините, сега се доведува во прашање.
Горан Момировски