
Каде е третиот напаѓач на Саздовски?
Третиот напаѓач на 21-годишниот Никола Саздовски Саздо кој почина по брутално претепување од тројца врсници се уште не е зад решетки, иако министерот за внатрешни работи без многу детали тврди дека има сознанија за неговото скривалиште.
Спасовски постојано е на удар на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ која бара негова оставка поради тоа што сметаат дека убиството на Саздовски е само уште еден доказ за нарушената безбедност на граѓаните. Но министерот смета дека истрагите на полицијата се успешни и ги откриваат напаѓачите.
Саздовски беше претепан на 29-ти јуни, по десетина дена борба со живот почина од повреди на мозокот на клоиниката Карил. Надлежните органи, полицијата и обвинителството случајот го водат како насилство, иако јавноста и неговата навивачка група Комити очекуваа тројцата сторители да бидат гонети за убиство. Навивачите вечерва организираат протестен марш од Автокоманда каде беше нападнат и претепан Саздовски до МВР каде ќе бараат одговори за незавршената истрага.
Миомир Серафиновиќ