
Каде е кешот од рекетот и проектите на Боки 13
Речиси 2 и пол милиони евра во кеш добиле или Бојан Јовановски или луѓе од неговиот Меѓународен сојуз – тоа го покажуваат откритијата на истражувањата на Телма, но и од истрагата за случајот „Рекет“. Но иако станува збор за огромна сума на пари досега никој од надлежните не открива каде се однесени парите, дали повторно се вратени преку банкарски сметки или останале надвор од легалните текови.
Во своето вчерашно соопштение потпретседателката на Мешуанродниот сојуз Јасна Мандиќ тврди дека околу 950 илјади евра кои се добиени од фирмите ГП „Пелистер“ и струшки „Дрим Билдинг“ се користат за целите за кои се исплатени преку приватни сметки, односно за изградба на Европски центри за возрасни лица. Во наводите од соопштението нема информација како парите кои се дигани во кеш од банка се користат, ниту пак дали некаде се уплатени. Мандиќ преку соопштение тврди дека нема истрага за активностите на Меѓународниот сојуз Скопје кој работи во согласност со законите.
Ниту дел од институциите со кои разговаравме немаа податок каде завршил толкав кеш од речиси милион евра за европски центри или пак милион и пол евра кои сведокот Орце Камчев во кеш ги исплатил на осомничените и притворени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески викан Кичеец. Само за вториот кеш се води истрага иако во моментот надлежната обвинителка Вилма Рускоска е на одмор, но се вршат тековни активности, убедуваат од обвинителството.
На одмор е и специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева, но досега не е опфатена со истрагата за „Рекетот“. Оваа ситуација со истрагата секојдневно трпи опозициски критики. Од друга страна пак власта иако не кажува дали знае каде се парите од проекти и од рекет тврди дека истрагата покажала како нема недопирливи. Никој не се плаши гласно да пријави криминал што е различно од пред неколку години кога се шепотеше за наводен рекет, вели вицепремиерката Шекеринска, чија јатрва е дел од структурите на Меѓународниот сојуз Скопје. Таа би се одзвала на повик на институциите доколку биде повикана, но и дека се прават инсинуациите со нејзиното име на кои не се одговара со факти.
Случајот со рекетот беше отворен пред неполн месец, а досега се опфатени само Јовановски и Милески иако обвинителката Рускоска потврди дека на снимките од рекетот се слуша и како обвинителката Јанева зборува преку спикерфон.
Миомир Серафиновиќ