
Каде бил Чавков на крвавиот четврток, во ВМРО ДПМНЕ или педесет метри подалеку?
Каде бил Митко Чавков, директорот на БЈБ, додека народот влегуваше и тепаше пратеници во Собрание на 27 април лани? Според обвинетиот Александар Василевски Нинџа во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, според обезбедувањето на Чавков само 50 метри подалеку, во зградата на Технометал Вардар каде имал приватни канцеларии. Денеска сведочеше телохранителот Никола Димитриевски кој рече дека од 18 часот, Чавков влегол во неговата приватна канцеларија и некаде пред 20 се упатил кон штабот на МВР.
Стоев пред вратата и го чекав. Некаде околу 19 часот започна да зборува на телефон, а јас преку вратата слушнав дека дава наредби. Какви команди даваше не знам, но знам дека се слушаше со началниците со Влатко Наумовски, началникот на ЕБР зборуваше на висок тон, со Митко Пешов од специјалните полициски единици а се слушаше и со Горан, началникот на ЦПС, сведочеше Димитриевски.
Според сведочењето околу 20 часот Чавков се појавил во полицискиот штаб каде бил Нухиу. Тука ја преземал командата и според неговиот телохранител тој ги дал 99 проценти од командите. Но интересно е што никој не знае што точно Чавков правел тој еден час од 18 до 19 ако бил во неговата канцеларија а не како што тврдеше претходно Нинџа во ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така интересно е и што неговата каннцеларија се наоѓа близу до белата палата па Нинџа го прашуваше телохранителот дали има подземна врска. За утре е предвидено да сведочи Трајко Вељановски, тогашниот претседавач. Според сведочењето на Нинџа тој го примил повикот од Билјана Бришковска за да се отворат вратите. Вељановски пак треба да сведочи во одбрана на неговото обезбедување Горан Ѓошевски, кој е обвинет во случајот за крвавиот четврток.
Билјана Николовска