„Јустиција“ падна на Битолскиот суд

Јустиција е античко-римска божица на правдата, во Македонија нејзиното име се најде и во полицискиот билтен. Така кумовите од МВР ја нарекоа акцијата од 8-ми октомври 2014-та година, кога беа приведени 14 судии и 11 судски службеници од прекршочниот оддел на Основниот суд Скопје 1.

Но на крај, Јустицијата без гледање во битолскиот суд пресече. За тројца судии по 3 и пол години, беше отфрлен обвинителниот акт затоа што немало докази.

Судиите и судските службеници беа осомничени и обвинети дека намерно ги застарувале предметите од прекршоци. Наместо да ги решаваат брзо и во рок од две години колку што дозволува законот, многу предмети останувале нерешени. Адвокатите на судиите велат дека на ситуацијата и претходеле добро позната борба помеѓу двајца претседатели на македонски судови. Преку прекршочниот оддел на скопскиот суд покажувале кој бил поуспешен. Претходно имало и промена во квотата која требало да ја изработат прекршочните судии – наместо 50 квотата им била триплирана.

Но, случајот паднал поради доказите – иако сите ги барале судските предмети кои биле запоставувани и застарувани, на суд во Битола каде се одвива процесот никој не ги доставил и покажал.

Случајот Јустиција е нотиран и во извештајот на Европската комисија, бидејќи и покрај судискиот имунитет на кој некои од судиите се повикувале, тие биле приведувани и им биле определени мерки на претпазливост наместо притвор. Судскиот совет цели 17 дена по акцијата Јустиција одлучил да им го одзеде имунитетот, вели адвокатот Давидовиќ

Најинтересно е што дел од обвинетите судии – наместо да се борат за правда, одлучиле да го признаат делото.

Битолското обвинителство сега ја чека ослободителната пресуда за да утврди како ќе постапи. Од друга страна, адвокатите на ослободените најавуваат дека ќе бараат отштета за нив, но и ќе ги гонат кривично оние претставници на судството и обвинителството кои според нив учествувале во креирање на случајот Јустиција.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ