
Јуниорите врзаа втор триумф, го надиграа Азербејџан
Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација (до 18 години) се разигра во финишот од Европското првенство (Б дивизија) што се одржува во Скопје. Во малата сала од СЦ „Јане Сандански“ славеше против Азербејџан со 65:50 за вториот триумф во низа и ќе игра за пласман на 17 позиција, утре на затворањето од шампионатот против подобриот од пресметката помеѓу Швајцарија и Луксембург.
Нашиот национален тим ја оправда улогата фаворит. Мечот го реши во првиот период кој го доби со 20:6, како и во третиот во кој беше поуспешен со 19:10. Азербејџан на двапати се обидуваше да фати резултатски приклучок во втората и последната четвртина но тоа не го дозволија избраниците на селекторот Панче Милевски, кои за триумфот шутираа речиси 40 проценти од поле, или шест проценти повеќе од противникот од кого беа подобри и под обрачите со 47 наспроти 41 скок.
Лука Стојановски со 18 поени го предводеше „црвено жолтиот“ состав во третиот триумф на првенството, еден помалку запиша Ваљмир Какруки, додека Кирил Панов со 12 поени беше трет стрелец.
Садетин Донат и Омер Дорук Судер, двајцата со по 10 погодоци беа најпрецизни кај поразениот тим.
Македонија утре за 17 место за противник го очекува победникот од дуелот помеѓу Швајцарија и Луксембург.