
Југоистокот не планира дочек на Нова Година на плоштадите
Нема организиран дочек на Нова година плоштадите во Југоистокот. Граѓаните од десетте општини од Радовиш до Гевгелија и Дојран сами смислуваат како и каде ќе ја дочекаат Новата 2019 година.
Во Струмица организиран дочек нема од деведестите години на минатиот век. Од општината велат дека а новогодишната забава ја замениле со хуманитарен концерт и други манифестации коишто се случуваат околу Божиќ, овде на плоштадот и во центарот за култура Антон Панов.
И Гевгелија има слично објаснување. Иако градот има многу посетители од Грција за време на празниците, тие не планираат дочек на плоштадот туку други фестивали во текот на пролетниот и летниот период.
Граѓаните, пак, велат дека е добро да има прослави, но ионака имаат празнично расположение.
Годинава и сите општини не блеснаа во Новогодишно руво. Дел од руралните општини како Ново Село, Конче и Василево воопшто не издвоиле средства за украсување, а некои како Босилово на пример, трета година по ред ги местат истите украси. Еден од најукрасените градови е Струмица. Оваа општина годинава потроши дваипол милиони денари за новогодишен изглед. Гевгелија потрошила нешто над 900 000 денари, Валандово околу 500 000 денари а Дојран и Богданци по стотина илјади денари.
Сузана Мицева