Југохром и вицепремиерот Анѓушев се договорија – Со заем ќе се доизградат филтрите

Југохром и Владата најдоа начин како да се доизградaт филтрите кои се главна пречка за рестартирање на комбинатот. Директорот Скендеровски по средбата со вицепремирот Анѓушев тврди дека наесен Југохром повторно ќе проработи со заем од Македонска банка за поддршка на развојот.

„Владата ќе се залага во забрзување на процесот на изградба на филтрите, Југохром од крајот на октомври, почетокот на ноември ќе почне да работи со двете печки каде ќе биде изграден системот“, посочи Васко Скендеровски управител на Југохром Алшар.

За целиот период на неработење Југохром трпи загуби. Доцнењето на изградбата се должи на финанскиските потешкотии.

„Загубите на Југохром се де факто и де јуре, цената на феросилициумот е многу висока на светските берзи, со оваа помош од Владата ќе успееме навреме да го завршиме процесот на изградба“, вели Васко Скендеровски управител на Југохром Алшар.

„Владата преку механизмите кои и стојат на располагање, односно преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, во рамките на своите надлежности, ќе направи напори, да се обезбедат средства, во форма на заем за Југохром, со кој ќе се продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување, комбинатот ќе се рестартира и работниците ќе започнат да работат и да земаат плата“, соопштија од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

Меморандум меѓу Југохорм и Владата беше потпишан во октомври минатата година. По одржаните протести и блокади, синдикатот на Југохром смета дека ова е добро решение кое ќе доведе до враќање на вработените во погон. Фабриката од Јегуновце пред да сопре со работа имаше околу 800 работници.

Две печки од Југохором ќе бидат активирани по изградбата на филтрите што ќе гарантира исполнување на барањата за А интегрирана еколошка дозвола.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ