
Јовевски ги бара доказите од Спасовски за луѓето од МВР кои помогнале за бегството на Груевски
Во телевизиско интервју Спасовски вели има индиции кои луѓе од МВР му помогнале на екс премиерот Никола Груевски да избега од Македонија и од затворската казна. Државниот обвинител Јовевски пак вели дека доколку има докази МВР да ги достави до нив за да ги проверат во истрагата.
Ниту Јовевски не откри кои и чии пропусти се откриени во досегашната истрага за бегството на Груевски. Во вчерашното соопштение Обвинителството соопшти дека досега во истрагата не е откриена кривична одговорност на никој, но се евидентирани пропусти кои не се гонат како кривични дела. Претпоставките на истрагата се дека Груевски го напуштил Скопје на 9-ти ноември рано наутро, заминал во граничниот регион околу Дебар каде останал ден и половина и потоа преку граничен премин кој не работи попладне и ноќе ја напуштил Македонија. За Јовевски оваа приказна не е потврдена.
Груевски е во бегство според македонските власти, но според унгарските е бегалец под меѓународна заштита поради сериозни закани и политички прогон во Македонија. Во бегство е речиси три месеци, а во Македонија никој засега не е виновен за тоа.
Миомир Серафиновиќ