
Јовески целосно ќе го преземе СЈО
Собранието треба да ја разреши тримесечната криза во СЈО. Владеачките СДСМ и ДУИ предлагаат законски измени за јавно-обвинителската служба, со кои, надлежностите за потпишување исплата на плати, надоместоци, режиски трошоци за вода, струја, телефон, одржување и слично, како и надоместокот на истражителите за посебни услови и доверливост, преминува од Специјалниот јавен обвинител кај Републичкиот јавен обвинител. Иако на сметката на СЈО има доволно средства, овие трошоци не беа исплаќани, а вработените три месеци не земаа плата, бидејќи законот наложува налозите да смее да ги потпише само Катица Јанева и никој друг. Предлогот го доставија група пратеници од СДСМ и од ДУИ кои се усогласуваа меѓу себе изминативе месеци, а веќе в среда ќе биде на собраниска седница.
Републичкиот обвинител Љупчо Јовески не сака да прејудицира, но потврди дека се бара законско решение за јавно-обвинителските службеници. Вели дека треба да се создадат услови некој да може да одлучува за тоа.
Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека статусот на вработените во СЈО требало да се реши со нов закон за обвинителство. За нив, ова е обид на мала врата и без одговорност за аферата Кеш, да се спаси институцијата со чија помош бил извршен милионски рекет, како и лицата одговорни за прогон на опозицијата.
Подмирувањето на трошоците во СЈО, вклучувајќи го и обезбедувањето на прислушуваните материјали, беше доведено во прашање во август со притворот на поранешната шефица Катица Јанева, односно со нејзиното разрешување во Собранието. Институцијата што ја водеше има мандат до септември 2020-та.
Соња Николовска