
Јовески бара квалитетен закон за јавно обвинителство, а не резултат на дневно-политички договарања
Квалитетен закон за јавно обвинителство а не закон напишан според политички желби побара државниот обвинител Љубомир Јовески во годишното обраќање пред медиумите и шефовите на јавните обвинителства. На политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките не се носат во нечии кабинети, вели Јовески и на колегите им порача дека ја имаат неговата поддршка да не подлегнуваат под ничии притисоци.
Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов Закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневно-политички договарања. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија. Сакам да ве уверам, но и да одговорам на некои неосновани и паушални обвинувања. Работиме професионално, без никакви притисоци од надвор, не ставаме предмети под тепих, но не дозволуваме избрзување или обвинувања без докази,
рече Јовески.
– Дека никој не е над законот, покажуваат и истрагите кои ги водиме, покренати се постапки и против јавен обвинител, судија, пратеник, службени и одговорни лица. Јавните обвинители во текот на 2019 година отворија и постапуваа по неколку предмети во кој се гонат лица за сторени кривични дела од областа на висока корупција, рече државаниот обвинител во обраќањето.
За годината што изминува вели се соочиле со бројни предизвици. Еден од нив е преземањето на предметите на СЈО за да не пропаднат. 20 се во фаза на судење, 19 истраги и 80 предистраги и 38 истраги за финански криминал. По колку од истрагите на СЈО обвинителите активно постапуваат не откри, но вели се распоредувале според итност. Се произнесе и за се погласните барања за прочистување во редовите на правосудството
Во оваа прилика сакам да најавам дека поединечо ќе се оценува работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите. На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работата на секој јавен обвинител со единствена цел-зголемување на ефикасноста во постапувањето,
посочи Јовески.
Со помош на фондови на ЕУ се реновирани или опремени повеќе обвинителства но од домашните власти се уште не ги добиле потребните средства за да профункционираат истражните центри. За подобрување на ефикасноста се планираат 4 истражни центри во основните обвинителства во Скопје, Тетово и Куманово и во обвинителството за организиран криминал.
Елена Ивановска Мукоска