
Јеронимос: Името не се решава на улиците
И покрај најавите дека македонскиот и грчкиот премиер се се поблиску до решение и дека деновиве е можно да се потпише договор за името, се чини дека голем дел од грчката јавност не е подготвена за компромис. Во 24 грчки градови се закажани протести, на кои ќе се брани грчкиот карактер на Македонија. Организаторите се надеваат дека и овојпат ќе излезат стотици илјади граѓани, со цел да испратат јасен сигнал дека не се подготвени за решение на името.
Протестите добија поддршка од повеќето грчки градоначалници, но не и од поглаварот на грчката православна црква, Јеронимос, кој порача дека, прашањето за името е работа на Парламентот, а не на црквата и дека проблемите од овој тип не се решаваат на улиците.
„Позицијата на црквата е цврста и тоа го кажуваме и пак ќе го кажуваме и повторуваме. Црквата рече: името Македонија не е лесно да го дадеме, да го позајмиме. Но, моите ставови се дека со овие прашања не се соочуваме со протести и со викање. Одговорен е Парламентот, тој ќе одлучи и ќе преземе одговорност. И уште нешто: Парламентот не е сам, тој е изгласан од народот“, рече поглаварот Јеронимос.
Јеронимос не ги поддржа ниту јануарските протести во Грција за името, но солунскиот митрополит, Антимос, беше во првите редови заедно со уште неколкумина високи свештени лица. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, вчера во интервју порача дека, преговорите ќе продолжат, без оглед на протестите, затоа што двете влади никогаш не биле поблиску до решение. И поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, на својот Фејсбук профил денеска напиша дека договорот за името ќе се случи многу брзо.
Од Владата не сакаа да ги коментираат овие информации.
И премиерот Заев, вчера не сакаше да даде детали. Кусо изјави дека преговорите се на самиот крај и дека се надева дека ќе бидат успешни.
Далиборка Дамјанска Цветановска