
Јазбец: Македонија ќе го добие позитивниот сигнал на самитот на Европскиот совет во Брисел
Меѓу овие седум европски знамиња, само македонското не е под закрила на Европската унија, но амабасадорот на Словенија Милан Јазбец денеска со голема доза на оптимизам очекува дека Македонија ќе го добие позитивниот сигнал на самитот на Европскиот совет во Брисел, кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни.
„На Македонија во последно време и се случија многу позитивни промени во секој поглед и тоа треба да се одрази во еден добар и јасен сигнал од бриселската политика, од бриселската администрација, бидејќи тоа е добро за сите. Тоа не е само очекување за некој даден подарок, туку тоа е потег кој е задолжителен и логичен врз основа на она што се случуваше во Македонија во последно време“, вели Јазбец.
Штип денеска ги слушаше позитивните европски приказни на шестмина градоначалници од Полска, Романија, Италија, Шпанија, Бугарија и Португалија на конференцијата „Обединета Европа“. Франческо Мури, градоначалникот на италијанскиот град Санта Викторија, која има само 600 граѓани со право на глас на избори, вели дека за унијата не се само важни жителите на Рим и Берлин, туку и во секое населено место без разлика на бројот на жителите
„Европа е најбогата со пари за култура и социјала. Ако сакаме нашите деца да живеат во помалите општини, единствен одговор е ЕУ“, порача Мури.
Решавање на низа на инфраструктурни проблеми и подобрување на квалитетот на животот на населението се придобивките, кога една земја е членка на Европската унија сметаат градоначалниците, кои во текот на наредните два дена ќе говорат за Европа и евроскептицизмот во штипскиот мултимедијалниот центар Киро Глигоров изграден со европски пари.
Викторија Димитрова Јованова