
Јавното обвинителство предупредува дека не е време за напади
Јавното обвинителство предупредува дека не е време за напади на институциите и нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање на политичарите во кривични постапки. Повод е вчерашното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Обвинителството уверува дека за случајот „Рекет“ се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот. Подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите велат од Јавното обвинителство.
„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, оценуваат од обвинителството.
Претседателот Пендаровски негира дека во обраќањето ги дискредитирал обвинителите. Тој вчера јавно ги повика да се вратат од одмор, да се фатат за работа и да ја забрзаат истрагата за криминалната афера.
„Во обраќањето на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ немам направено дискредитација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек. Потенцирам дека во своето обраќање изразив целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакнав дека ќе сторам се, за да ги заштитам од евентуални притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот „Рекет“, посочи Пендаровски.
И додека во преписка се најдоа Јавното обвинителство и Претседателот Пендаровски, Владата на денешната седница формирала оперативен тим за борба против криминалот и корупцијата во кој ќе членуваат првите луѓе на институциите од извршната власт. Експертите предупредуваат со ваквата одлука се создава паралелен систем.
Оперативниот тим ќе го сочинуваат министрите за внатрешни работи и за правда, директорите на Бирото за Јавна безбедност, финансиската полиција, Царинската управа, Финасиско разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, УЈП.
Јулијана Пешевска