
Јавниот сектор лани броел 132.900 вработени, за 832 лица повеќе од 2018 година
Во јавниот сектор во земјава лани работеле вкупно 132.900 лица и во однос на 2018 година, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен за 832 лица – информираше денеска Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски кој го презентираше извештајот за вработените во јавниот сектор.
Вработените се распределени во 1.324 институции. Вкупно 20.169 лица работат во МВР, АРМ, Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност, финансиска полиција. Според Манчевски треба да се прави разлика што е јавен сектор, а што е администрација.
„Јавниот сектор го сочинуваат 112.721 лица, а со статус на јавна администрација се 16.522 лица и ова е со други зборови централната власт“- рече Манчевски.
Додаде дека најголем дел од вработените се во образованието и здравството. Во 2019 година се зголемил бројот на висококвалификуванито кадар во јавниот сектор.
„Најголем број од новите вработувања во 2019 година биле во секторот здравство“, изјави Манчевски.
Манчевски информираше дека 8.800 лица работат во АД во државна сопственост.
Тој и порача на опозицијата дека треба да ги почека официјалните податоците пред да изнесува тврдења за бројките во јавниот сектор. Во однос предлогот администрацијата да зема минималец додека трае коронакризата, Манчевски рече дека сеуште се разгледува тој предлог, и најверојатно Владата утре ќе донесе одлука.