
Јавниот обвинител мора да постапува за неовластените снимања
Јавниот обвинител мора да постапи за неовластени снимања и тоа не смее да се толерира. Во спротивно се нарушува целиот правен систем – велат експертите за безбедност коментирајќи ги објавените аудио снимки на лидерот на СДСМ Зоран Заев, за кои тој кажа дека ги снимал синот на Зоран Верушевски.
Не може секој секого да снима, тајно да снима, неовластено да објавува и за тоа премиерот или поранешниот премиер да ги амнестира. Апсолутно јавниот обвинител мора да постапува. Ако некој неовластено снимил, ако неовластено објавил, мора за тоа да сноси последици, порача поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
Тој рече дека Заев може да му прости на Верушевски, но тоа е личен став, за разлика од него јавниот обвинител не смее никому да прости.
Доревски пак оцени дека политичарите кај нас располагаат со дискутабилно ниво на безбедносна култура.
Ние ги имаме законите за заштита на лични податоци каде што влегува и оваа вербална комуникација, ги имаме законите за заштита на информации, меѓутоа со многу голема леснотија овие осетливи или критични информации или чуствителни и незгодни комуникации се јавуваат во јавноста, рече тој.