
Јавна седница во Апелација за затворската казна на Груевски
Во Aпелација се уште трае јавната седница на која се разгледува жалбата за изречените затворски казни на Никола Груевски и Ѓоко Поповски за случајот на СЈО „Тенк“. Денеска во Апелација не дојдоа ниту Груевски ниту неговите адвокати. Но затоа пак побараа изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева.
СЈО го извести судот дека барањето за изземање на Јанева не е дозволено, по што продолжи јавната седница во второстепениот суд. Судијката-известител Тања Милева рече дека за овој предмет на СЈО познат под кодното име „Тенк“ биле поднесени вкупно 6 жалби, од кои 4 на адвокатите на Груевски, една лично од него и уште една од Ѓоко Поповски.
Во жалбените наоди на адвокатите е наведено дека судот направил серија суштествени повреди на Законот за кривична постапка, и дека погрешно ја утврдил фактичката состојба.
Во жалбата пишува дека судот противзаконски ги одбил барањата на адвокатите за изземање на судиите и поротниците и дека СЈО пред судот не ја докажало надлежноста. Освен тоа, наведено е дека дел од доказите биле доставени во копија, а Груевски и неговите адвокати воопшто не ги добиле бомбите како докази. Записниците од седниците за судењата не кореспондирале со видеозаписите од судскиот процес. Обвинетиот се жали за вештачењата на СЈО, кои, како што пишува во жалбата, вештачеле со истечени лиценци. Адвокатите се жалат дека не бил доставен записник за примопредавање на бомбите.
Во жалбата се додава дека во февруари годинава настапила апсолутна застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор што Груевски го направил на 26 февруари 2012 година. Во образложението на жалбите е наведено дека пресудата е нејасна и противречна.
Ова се дел од причините поради кои Груевски бара да биде укината првостепената пресуда и судот да донесе ослободителна пресуда.