
Јанева преку гаражата изнесена од СЈО и повторно вратена во нејзината куќа со полициска придружба
Уапсената шефица на СЈО, Катица Јанева, предмалку беше изнесена преку гаражата на СЈО, за да не ја снимаат камерите на новинарските екипи и полицијата ја врати во нејзината куќа. Попладнево се очекува Јанева да биде пренесена и во Кривичниот Суд, каде ќе се одлучува по барањето на ЈО за нејзин притвор.
Претходно, јавниот обвинител, Љубомир Јовески, на денешната прес-конференција соопшти дека обвинителството поседува доволно вербални и материјални докази за постоење основано сомневање дека специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева извршила злоупотреба на службената должност и заради тоа проширена е истрагата и против неа.
Јовески потврди дека обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, од судот ќе побара одредување мерка притвор за Јанева.